UT PICTURA LATINUM

Латински речник во слики со старогрчки, македонски, албански, турски и ромски паралели и примери

Ut pictura Latinum, „Латински како слика“ според Ut pictura poiesis, „Поезијата е како слика“ е речник во слики, наменет за сите што сакаат да учат за да ги научат своите први зборови на латински или за да научат нешто ново за зборовите што веќе ги знаат. Но, и нешто друго и многу повеќе. Овој речник е наменет за сите што сакаат да учат за да ги научат заедно со зборовите на латински јазик и своите први зборови на старогрчки, македонски, албански, турски и ромски или за да научат нешто ново и за овие зборови.

Зборовите се објаснети на три начини, со слика, со паралели на други јазици и со контекст на латински придружен со превод. До зборовите се доаѓа преку менито лексеми.

Илустрациите се наменети пред сѐ за помалите и помладите читатели, но се привлечни и за возрасните. Притоа, една слика може да се однесува и на повеќе зборови што се поврзани според своето значење и имаат заедничко потекло. Ваквото групирање на зборовите помага за нивно полесно разбирање и совладување.

Секој латински збор е придружен со паралели на македонски, старогрчки, албански, турски и ромски. Старогрчките зборови се наведени прво со алфабетско писмо, а потоа и со латинична транскрипција. Заради полесно препознавање паралелите се напишани во различна боја:

– црна – латински

– зелена – старогрчки

– виолетова – македонски

– црвена – албански

– портокалова – турски

– сина – ромски

Латинските зборови и нивните соодветни паралели на другите јазици во овој речник се цитирани на наједноставен начин, само во основната форма во која е вообичаено да се цитираат во речници. Со надреден знак кај латинските и старогрчките зборови е обележан и акцентот со цел да се олесни правилното читање и изговор.   

Секој збор е прикажан и во контекст. За пример се одбрани реченици од латински автори од класичниот период на латинскиот јазик или пак латински поговорки. А, по примерите следуваат и реченици за вежба, исто така од автентични латински извори, каде што читателот треба да дополнува празни места. Латинските зборови по својата природа имаат повеќе форми. Вежбата во случајов се состои во тоа да се одбере вистинската од две понудени форми од зборот што се учи. Изборот се прави со кликнување на едната или другата понудена форма.  Иако ова звучи како прашање на знаење граматика, сепак тоа не е неопходно. И примерите и речениците за вежба се дадени паралелно и во превод на македонски, албански, турски и ромски, а соодветните зборови се истакнати во потемно, што го прави изборот на вистинската форма прилично извесен.

Таму каде што е потребно има и фусноти, во кои се дадени разни појаснувања за животот во антиката и за цитираните латински автори и нивните дела. Фуснотите се отвораат со кликнување на зборот што е соодветно обележан.

Речникот содржи и индекси на македонските, старогрчките, албанските, турските и ромските паралели, како и на латинизмите изведени од латинските зборови што се обработени во речникот, преку коишто може да се пребарува и во обратна насока.

Има и библиографија на цитираните автори и дела од латински автори, во оригинал и превод. Речникот исто така содржи и библиографија на други печатени и дигитални ресурси за латинскиот јазик за оние што сакаат повеќе да научат за класичните јазици и антиката.